Руд ван Нистелрој на одличен начин дебитираше како главен тренер на Манчестер јунајтед откако Црвените ѓаволи беа убедливи и со 5:2 го победија и го елиминираа Лестер во Лига купот на Англија. Легендарниот холандски голгетер ненадејно се најде во улога на прв тренер откако Ерик тен Хаг доби отказ.
Договорено е на местото на Тен Хаг да дојде Рубен Аморим од Спортинг Лисабон. Сепак, Аморим нема веднаш да се пресели на „Олд Трафорд“. Договорено е португалскиот стратег да дебитира на клупата на Манчестер јунајтед на 24 ноември против Ипсвич.
Договорот на Аморим ќе биде до јуни 2027 година, а Спортинг ќе добие 10 милиони евра како отштета за предвремено раскинување на договорот. Аморим се очекува да пристигне во Манчестер на 10 ноември, кога ќе започне паузата поради репрезентативните обврски.
До 10 ноември, Манчестер јунајтед ќе одигра уште три меча, и тоа против Челзи, ПАОК и Лестер, а Ван Нистелрој ќе има можност да покаже дека победата од 5:2 во неговото деби не била само случајност.