Комбинација од 13 мечеви кои ќе се играат викендов во петте најсилни лиги во Европа се дел од деветтото коло на Спортска прогноза. Возбудувањата ќе започнат од утре попладне, кога за 15:30 часот е закажан дуелот меѓу Холштен Кил и Хајденхајм.
Дури осум средби ќе се играат утре, а според прогнозерите, најлесно е да се предвиди дека Јувентус ќе слави на гостувањето кај Удинезе затоа што дури 86 отсто чекаат „двојка“.
Интересно ќе биде и во Дортмунд, каде што Борусија ќе го пречека Лајпциг. Тимот на Елиф Елмас е рамо до рамо со Баерн Минхен на врвот на табелата во Бундеслигата и уште нема ниту еден пораз, но прогнозерите не веруваат во Лајпциг. Само 12 отсто очекуваат Лајпциг да слави, а над 63 отсто типуваат на прв пораз на тимот на Елмас.
За в недела е закажана дерби-пресметката меѓу Манчестер јунајтед и Челзи, а речиси идентични се типувањата за „кецот“ и „двојката“. Борусија Менхенгладбах дома е голем фаворит против Вердер Бремен и 80 отсто чекаат победа на домаќините.
Главен предизвик за сите прогнозери е да се обидат да погодат Среќна 13-ка, односно да ги погодат сите 13 фикса. Прогнозерот со погодени 13 натпревари одбира еден од подароците (Смарт ТВ самсунг 55” 4K, Xiaomi електричен тротинет, PlayStation®5). Прогнозерот со 12 погодоци ќе добие вредносен ваучер од 1.000 денари, а погодена 11-ка се вреднува со ваучер од 500 денари.