Шпанскиот гигант Реал Мадрид ќе се соочи со сериозна конкуренција во обидите да го доведе десниот бек на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд. Според каталонското издание „Спорт“, францускиот првак Пари Сен Жермен исто така планира да наддава за англискиот репрезентативец по завршувањето на сезоната.
Договорот на Александер-Арнолд со Ливерпул истекува на крајот на тековната сезона, а тој засега одбива да започне преговори за негово продолжување со Црвените.
Извори блиски до Реал Мадрид тврдат дека следното лето англискиот дефанзивец ќе биде приоритетна цел за Кралевите.
Доколку Ливерпул не успее да го задржи Трент Александер-Арнолд, неговиот трансфер би бил без отштета, но тоа не значи дека клубот кој ќе го ангажира нема да плати значителен износ. Се очекува дефанзивецот да добие сериозен финансиски бонус, кој би имал големо влијание при одлуката за неговата нова средина.
Според најавите од Англија, моменталната желба на ѕвездата на Ливерпул е да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, каде што со Реал Мадрид би имал шанса да се бори за титули и трофеи на сите нивоа.