Ливерпул повторно се искачи на првото место на табелата во англиската Премиер лига, откако попладнево со 2-1 го победи Брајтон, а првакот Манчестер сити беше поразен со 1-2 на гостувањето кај Борнмут.
Црвените губеа на „Енфилд“ по првото полувреме, но направија пресврт во 69-та и 72-ра минута. Победничкиот гол на Мохамед Салах беше негов 164-ти во Премиер лигата, со што го надмина Роби Фаулер и се искачи на осмото место на вечната листа на стрелци.
Манчестер сити го претрпе првиот пораз сезонава и тоа против Борнмут, кој неодамна „му зеде мерка“ и на Арсенал. Црешите до денеска немаа освоено ниту еден бод во премиерлигашките дуели со Граѓаните, па победата им е историска. За Сити заврши серијата од 32 меча по ред без пораз.
Нотингам форест беше подобар од Вест Хем со 3-0, се искачи на трето место на табелата и потврди дека е најпријатно изненадување сезонава.