Лазаров објасни зошто не ги повика Талески и Митревски во репрезентацијата

Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска го одржа првиот собир пред почетокот на квалификациите за ЕП 2026, а во овој ноемвриски циклус тимот на селекторот Кирил Лазаров ќе игра со Естонија дома (6-ти ноември среда 20 часот, СРЦ „Борис Трајковски“) и Литванија на гости (10-ти ноември, недела).

Атмосферата како и секогаш на ваквите собири е позитивна, ракометарите со нетрпение очекуваат да го облечат дресот на националниот тим.

Отсуството на Филип Талески од списокот на кандидати за настап, и појавувањето на Никола Митревски на листата на резерви кои би биле повикани само ако некои не дај боже се повреди, е одлука на Лазаров, а тој објасни и зошто се решил на ваков чекор.

„Започнавме процес на подмладување на репрезентацијата, тој процес треба да се доврши. Се појавуваат нови млади играчи кои во своите клубови покажуваат квалитет против добри противници. Од никого не се откажуваме, ни требаат сите играчи, но радува фактот дека имаме можност и да бираме. Сите ќе бидат во комбинација за место на Светското првенство во јануари. Имаме млади голмани кои ќе добијат шанса да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност. Сакам да видам на овие два меча како ќе изгледа тоа. Знаеме дека Талески е квалитетен играч, но во последно време, и на ЕП и СП, не се покажа во доволно квалитетно издание и се решив сега во овој момент да им дадам шанса на други бекови, можеби малку и ќе го сменине концептот на игра. Не значи дека Филип во иднина нема да биде повикан. Но, сега одлучив вака, идејата е да створиме квалитетна репрезентација, мислам дека сме на добар“, вели Лазаров.

Селекторот како и секогаш е претпазлив.

„Искуството ме научи секогаш да бидам претпазлив. Имаме материјали и информации за противниците. Секогаш е тешко да се пробие мразот, па и кога се игра дома. Сме фаворити, не бегаме од таа улога. Во Литванија ќе биде многу потешко, таму очекувам тежок и неизвесен натпревар“, изјави Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести