Хрватската фудбалска легенда и актуелен селектор на репрезентацијата на Црна Гора, Роберт Просинечки, даде интервју за каталонскиот „Мундо депортиво“ во пресрет на утрешниот дуел на Црвена ѕвезда и Барселона, клубови за кои тој играше во минатото.
Барса во Белград допатува со најсилниот состав, а Просинечки рече дека белградските Црвено-бели и самите знаат дека нема што да бараат на овој меч со разиграниот гигант кој сезонава игра многу ефикасно.
„И во Ѕвезда знаат дека ќе биде тешко да се победи. Немаат ниту бод, знаат дека се послаби, но и дека имаат некои предности. Барселона веројатно ќе победи, но ќе мора да даде сè од себе“, вели Просинечки.
Просинечки го коментираше и доаѓањето на полскиот голман Војќех Шченсни во Барса, а заедничко им е што се страсни пушачи. И Просинечки пушеше додека активно играше фудбал, тоа го прави и Полјакот.
„Знаете што е проблемот? Луѓето почнуваат да зборуваат и да ви ставаат етикети. Ако пушите, тогаш мислат дека сигурно и пиете. Не криев дека пушам. Тоа не е добро и тешко е да се пуши и да се игра на високо ниво, но јас немав проблем со тоа“, рече популарниот Жути.
Просинечки призна дека повеќе го сака Реал Мадрид отколку Барса, но дека во моментов Каталонците играат многу подобро.
„Во Барселона сите гинат за Флик, и стартерите и резервите. Има добра атмосфера во тимот, играат многу подобро од ѕвездите на Реал“, заклучи Просинечки, кој по заминувањето од Ѕвезда во 1991 година премина во Реал, каде што остана четири години, а за Барса настапуваше во сезоната 1995/96.