Уништена познатата патека за Мото ГП во Валенсија

Обилните врнежи што ја зафатија Шпанија последниве денови предизвикаа големи поплави, при што беа уништени многу домови, а животот го загубија над 200 луѓе, што претставува една од најголемите трагедии во историјата на Шпанија.

Најпогодени се областите околу Валенсија, каде што настрадаа и спортските комплекси. Најголема штета претрпе познатата патека за Мото ГП. Патеката е затрупана со кал, многу делови се уништени, а од некои снимки изгледа непрепознатливо.

На оваа патека во ноември требаше да се вози Големата награда на Валенсија во Мото ГП шампионатот. Поради катастрофалните поплави, трката е откажана и ќе се премести во Барселона на патеката „Каталуња“, каде што се вози Големата награда на Шпанија.

Патеката „Рикардо Тормо“ е изградена во 1999 година и е долга малку повеќе од четири километри. Се смета за една од познатите и најдобрите патеки во календарот на Мото ГП, а била домаќин и на трки од Формула Е.

Штетите на патеката се огромни, а санацијата ќе чини милиони евра. Точната проценка ќе биде позната во наредните денови. Уништена е целата асфалтна површина, како и боксовите на стартно-целната рамнина. Исто така, голем дел од трибините е под кал, некои делови се оштетени кај столбовите и ќе мора да се урнат и да се изградат нови.

Властите во Валенсија изјавија дека нема да бидат во можност да организираат Мото ГП трка ниту следната година, па календарот ќе мора да се прилагоди. Веруваат дека санацијата може да заврши до 2026 година, што би траело помалку од две години. Сепак, проблемот е што по санацијата и обновата, патеката ќе треба да помине дополнителни тестирања.

- Оглас -

Најнови вести