Рубен Аморим пред трансферот во Манчестер јунајтед: „Сити е најдобриот тим во светот“

Тренерот на Спортинг Лисабон, Рубен Аморим, кој многу брзо ќе го напушти клубот, со пофалби зборуваше за Манчестер сити во пресрет на вечерашниот натпревар од четвртото коло на Лигата на шампионите на стадионот „Жозе Алваладе“ во Лисабон.

Португалскиот шампион вечерва од 21 часот го пречекува повеќекратниот шампион на Англија во еден од најинтересните натпревари од елитното фудбалско натпреварување.

Судбината сакаше младиот тренер да се соочи со Сити во неделата пред неговиот трансфер во Манчестер јунајтед, но не дозволи емоциите да го совладаат.

Сепак, изјави нешто што навивачите на Манчестер јунајтед сигурно нема да сакаат да го слушнат.

„За мене, Гвардиола е најдобриот тренер во светот. Знам дека навивачите на Манчестер јунајтед нема со насмевка да ја прифатат оваа изјава, но мислам дека Сити е најдобриот тим во светот“, изјави Аморим во пресрет на гостувањето на Граѓаните во португалската престолнина.

Свесен е дека неговиот резултат против Манчестер сити вечерва ќе ја креира атмосферата пред претстојната промоција на „Олд Трафорд“.

„Ако не постигнеме добар резултат, очекувањата од мене ќе паднат, но ако победиме, ќе ме сметаат за новиот Алекс Фергусон“, изјави тренерот кој ќе остане во историјата на Спортинг со освоената јубилејна 20-та титула шампион на Португалија.

Спортинг го очекува вечерашниот натпревар во многу подобра форма откако за викендот ја декласира Естрела во уште една извонредна партија на Виктор Ѓокереш, додека Сити со поразот од Борнмут му го препушти врвот на табелата на Ливерпул во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести