Ова беа 11 пеколни дена за Реал Мадрид

Реал Мадрид повторно ги разочара своите навивачи откако со 1:3 загуби од Милан во меч од четвртото коло во Лигата на шампионите. Кралскиот клуб има лоши 11 дена, во кои претрпе три тешки удари.

Кошмарниот период започна на 26 октомври, кога Реал на „Сантијаго Бернабеу“ ја пречека Барселона во Ел Класико. Мадриѓаните беа оптимисти дека со победа може да застанат рамо до рамо со вечниот ривал на табелата во шпанското првенство, но се случи дебакл.

Барселона со четири гола во второто полувреме стигна до убедлива победа и каталонскиот гигант само ја зголеми предноста на табелата. Уште не беа освестени од шокантниот пораз од Барселона, Реал доживеа нов удар.

Сите очекуваа Винисиус јуниор да ја освои Златната топка, но се случи пресврт. Шпанецот Родри беше избран за најдобар фудбалер во светот, а од Реал Мадрид во знак на револт решија да го бојкотираат изборот и ниту еден од над 50-темина поканети не присуствуваше на гала-свеченоста.

Третиот голем удар на Реал му го зададе Милан, и тоа вечерва во ЛШ. Кралевите повторно играа на свој терен, но повторно беа немоќни. Реал даде само еден гол, и тоа од пенал, а прими дури три и на крајот загуби убедливо.

Следниот меч Реал ќе го игра на 9 ноември, и тоа повторно на „Сантијаго Бернабеу“, но овојпат против Осасуна, што ќе биде одлична шанса да се прекине оваа лоша серија на актуелниот шпански и европски првак.

- Оглас -

Најнови вести