Женската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва во СРЦ „Кале“ е домаќин на Украина, во меч од третото коло во квалификациите за пласман на Евробаскетот кој ќе се игра следната година.
По првите две кола, и Македонија и Украина имаат два порази, а во македонската репрезентација владее позитивна атмосфера.
„Времето за некои сериозни подготовки за вакви натпревари е навистина доста кратко. Добра работа е што сите овие денови ќе бидеме дома, во Скопје, и што нема да патуваме, што е доста олеснителна околност кога треба да се одиграат два натпревари во рок од три-четири дена. Во овие неколку денови се обидовме да поставиме некои работи на кои работевме и во претходниот циклус. Секако, со некои тактички промени, со оглед на тоа дека играме против една репрезентација која има доста квалитетни кошаркарки и тој нивен резултат во претходниот циклус делува и како нереален. Сега се во изменет ростер во којшто ја имаат и својата најдобра кошаркарка, што ни ја отежнува работата. Видовме, особено на средбата со Португалија, дека можеме да бидеме рамноправни, а сега, на домашен терен, со публиката која очекувам да дојде и да не бодри, можеме да изненадиме, зошто не би било така? Имаат квалитет, имаат и искуство, но не сме без шанси, напротив. Ќе дадеме сè од себе да дојдеме до нашата поставена цел, а тоа е некоја победа во овој циклус од квалификациите“, вели репрезентативката Ивана Кметовска во сајтот за КФСМ.