Женската фудбалска репрезентација на Македонија ги дозна противниците за новото издание од Лигата на нациите, во кое повторно ќе играме во дивизијата Ц. Македонија се најде во група со Летонија и Косово, што од селекторот Александар Андов е оценето како поволна ждрепка.
„Морам да признам дека добивме група по мерка. Се работи за противници кои ни се добро познати и со кои бевме во група во изминатите два циклуса. Мислам дека сега е вистинското време да го направиме тој чекор напред и да успееме да го освоиме толку посакуваното прво место во групата. Верувам дека можеме, умееме и имаме квалитет за такво нешто. Во следниот период се надевам дека ќе ги завршиме и преговорите околу пријателските натпревари што треба да ги одиграме и кои ќе претставуваат одлучна подготовка за предизвиците што ќе нè очекуваат во новиот циклус од Лигата на нациите“, рече селекторот на женската фудбалска репрезентација на Македонија, Александар Андов.