Петар Баснарков е еден од најдобрите македонски тренери за физичка подготовка на спортистите, тој се грижи за кондицијата на ракометарите на Алкалоид и во ракометната репрезентација, пред тоа беше и во кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром, а негова заслуга е „челичењето“ и на многу други спортисти со коишто работел индивидуално.
Инаку, тој до пред една деценија беше фудбалски голман. Кариерата ја почна во Вардар, ја заврши во Работнички, а бранел и за други клубови од Македонија и странство.
„Јас и додека професионално се занимавав со фудбал и бев активен спортист, размислував на оваа тема. Завршив средно фискултурно и Факултет за физичка култура и некако природно си дојде тоа, цело време идејата ми беше дека треба да работам како кондициски тренер. Почнав во 2014 година. Воопшто не размислував што ќе правам кога завршив со фудбалската кариера, одамна се подготвував за ова. Прво една година работев надвор, на кејот на Вардар, а потоа го отворија спортскиот центар ‘Јане Сандански’ и така почнав. Се пронаоѓам во оваа работа, уживам во тоа што го правам“, вели Баснарков.
РАБОТАТА НА КОНДИЦИСКИТЕ ТРЕНЕРИ НЕ Е САМО ВО ЛЕТО
Прва асоцијација за кондициски тренери се оние „суви тренинзи“ во лето кои мора да ги помине секој спортист за да биде спремен за напорите во сезоната, но тоа е една комплексна работа и за кондициските тренери има работа и додека трае сезоната.
„Работата на кондицискиот тренер не е само во подготвителниот период во лето. Тој треба да учествува во целиот циклус, прво во физичката подготовка на екипата, потоа во одржувањето на екипата да остане здрава и спремна, секогаш во консултации со првиот тренер, како тоа да се дозира, исто така тимот и да не биде заморен од напорите, особено кога има микроциклус и натпревари во ритам среда-сабота. Во лето најмногу е застапена нашата работа, во таа фаза во која кондициските тренери работат со спортистите кои ги чека напорна сезона, но ние правиме и план за „офсезоната“, кога нема натпревари, потоа за претсезоната кога сме најзастепени, а и во текот на сезоната учествуваме во работата“, објаснува овој 44-годишен стручњак.
ОДЛИЧНА СОРАБОТКА СО КИРИЛ ЛАЗАРОВ
„Во Алкалоид ова ми е четврта сезона, од формирањето на клубот сум таму, имам одлична соработка со првиот тренер Кирил Лазаров. Сум соработувал со него и порано, додека уште беше играч, сум работел индивидуално кога ќе дојдеше тука. Прво почнавме да работиме во репрезентацијата, па тие тренинзи во текот на летото, а кога стана селектор, тој побара да останам во стручниот штаб, претходно бев и кај селекторот Данило Брестовац, и еве сега заедно сме и во клубот Алкалоид. Долго време сме заедно, имаме супер соработка со целиот стручен штаб на чело со Лазаров“, вели Баснарков, кој подолго време е дел од стручниот штаб на машката ракометна репрезентација и е оптимист дека нашите в недела ќе извојуваат победа во Литванија, со која би се доближиле до настап на Европското првенство во 2026 година.
СЕКОГАШ ПРОГНОЗИРА ПОБЕДА НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД
„Искрено, во последниве години фудбал следам многу помалку од она што било вообичаено за мене порано, бидејќи обврските си го прават своето. Не би рекол дека не гледам, секако дека следам, но не со толку голем интензитет како до пред неколку години. Омилен клуб ми е Манчестер јунајтед. Одамна немам уплатено тикет, не се ни сеќавам кога последен пат сум се обложувал. Кога сум играл, секогаш сум го ставал навивачки и Манчестер јунајтед. Еве и сега на хуманитарниот тикет ќе го ставам, верувам дека новиот менаџер ќе тргне победнички“, заклучува Баснарков.