Македонскиот кошаркарски репрезентативец Теодор Симиќ, потпиша договор со ТФТ, клубот кој е лидер на табелата после пет одиграни кола во првата лига, а в понеделник му претстои дуел со Работнички.
Со тоа, еден од најперспективните наши кошаркари првпат во кариерата доби можност да настапува во Првата македонска кошаркарска лига, по годините поминати во Шпанија и БиХ. Во Барселона замина уште на 14-годишна возраст, ги помина сите младински категории во каталонскиот гигант, лани играше во Борац Бања Лука, а по кратката авантура во Прат, се враќа во татковината.
Симиќ ќе биде големо засилување за ТФТ под кошевите, а во исто време е трет македонски репрезентативец во редовите на клубот од Тафталиџе, по Адем Мекиќ кој дојде пред почетокот на сезоната и Страхил Николов кој е долгогодишен член на екипата.
Своето деби за ТФТ, Симиќ ќе го има в понеделник дуелот против Работнички чиј играч и тренер во минатото беше неговиот татко Тони.