Две држави ќе добијат дополнително место во фудбалската Лига на шампиони за следната сезона 2025/2026, а според рангирањето во моментов, водечка на листата е Англија, пред Португалија и Италија.
Добрите резултати на клубовите од Серија А во трите европски натпреварувања оваа недела ја искачија Италија на третото место на рангирањето на коефициентот на УЕФА.
Италија има 8.750 бодови сезонава. Португалија се наоѓа на второто место со 9.200 бодови, додека Англија е моментално лидер со 9.428. Четврта е Германија со 8.375, а нешто над 8.000 има и Франција која е петта. На крајот на сезоната, најдобрите две земји ќе добијат дополнително место во ЛШ.
Италија минатата сезона обезбеди дополнително место во Лигата на шампионите, завршувајќи на првото место на рангирањето на коефициентот на УЕФА. Затоа и петтопласираната од минатата сезона во Серија А, Болоња, игра во ЛШ.