Англискиот премиерлигаш Арсенал бара ново име за функцијата спортски директор и се очекува наскоро да биде назначен наследникот на Бразилецот Еду, кој заминува од „Емирати“. Според информациите од Островот, двајца кандидати се во игра и се поранешни играчи на Арсенал, Пер Мертезакер и Томаш Росицки.
Мертезакер во моментов е тренер во академијата на Арсенал, а од фудбалот се прости во дресот на Топчиите во 2018 година. Овој 40-годишен Германец за Арсенал играше седум години, пристигнувајќи од Вердер Бремен во 2011 година.
За Арсенал одигра 221 натпревар, како дефанзивец постигна десет голови и имаше три асистенции, а интересно е што добил само два црвени картони во кариерата.
Томаш Росицки во моментов работи како спортски директор во Спарта Прага, клубот каде ја заврши својата кариера во зимата 2017 година. Сепак, поголем дел од кариерата ја помина на „Емирати“ и е еден од легендарните играчи на Арсенал.
Росицки играше за Арсенал цели десет години, а одигра 246 натпревари на позицијата офанзивен играч за врска, постигнувајќи 28 голови и 23 асистенции.