Реал го потврди најлошото: за Милитао сезоната е завршена!

Денешната убедлива победа на Реал Мадрид од 4-0 против Осасуна зеде голем данок, дури тројца од стартерите се повредија, а најлошо мина Едер Милитао кој ги скина предните вкрстени лигаменти во коленото, има повреда и на менискусот, па му претстои пауза од барем девет месеци, што значи крај на сезоната за него.

Се повредија и Родриго кој ќе паузира барем еден месец, и Лукас Васкес кој се очекува да биде во аут три недели.

Најкритична е состојбата со централниот дел на одбраната, каде Реал сега ги има само Антонио Ридигер и младиот Раул Асенсио кој денеска дебитираше за првиот тим.

Реал има право да купи веднаш некој играч кој е слободен, а легендата на Кралскиот клуб, Гути, порача дека треба да го вратат некогашниот капитен Серхио Рамос кој е без ангажман во моментов. Давид Алаба нема играно цела година и наскоро би можел да заигра, но никој не знае во каква форма ќе биде. Повреден е и Орелиен Чуамени кој често игра како централен дефанзивец, кога се отсутни оние играчи на кои тоа им е природна позиција.

Малерозниот Милитао вторпат за 15 месеци ги кине лигаментите во коленото. Лани во август го повреди левото, а денеска десното колено.

- Оглас -

Најнови вести