Фудбалскиот клуб Трабзонспор објави соопштение во кое објасни дека македонскиот репрезентативен капитен Енис Барди и уште тројца играчи ќе тренираат одвоено од првиот тим за, како што се вели, да ги подобрат своите перформанси.
„Како резултат на состанокот меѓу претседателот Ертугрул Доган, потпретседателот Зејат Кафкас и тренерот Шенол Ѓунеш, одлучено е нашите фудбалери Мислав Оршиќ, Стефано Денсвил, Енис Барди и Умут Бозок да тренираат одвоено за да ги подобрат своите перформанси“, пишува во соопштението од клубот.
Барди воопшто не беше во составот на Трабзонспор на последните два меча, а иако верзијата на клубот е дека тој не е во задоволителна форма, во заднина е нешто друго, несогласување околу продолжување на договорот, па јасно е дека фудбалската иднина на Барди ќе биде некаде далеку од Трабзонспор и веројатно уште во јануари ќе се разделат за доброто на сите.