Барселона во неделата го претрпе вториот лигашки пораз во шпанското првенство откако со 1:0 загуби на гостувањето кај Реал Сосиедад. На овој меч во тимот на Барселона го немаше повредениот Ламин Јамал.
Освен за Барселона, Јамал ќе ги пропушти и двата последни меча од Лигата на нациите за Шпанија против Данска и Швајцарија, а сега е јасно и колку ќе паузира. Шпанскиот весник „Спорт“ пишува дека Јамал ќе мирува во следните три недели, што значи дека на теренот се очекува да се врати на почетокот на декември. Тој има повреда на зглобот на десната нога.
Јамал сезонава игра одлично и во 12 средби на Барселона има учинок од пет погодоци и седум асистенции во Примера дивисион. Во Лигата на шампионите одигра четири меча, во кои забележа еден гол, а има и една асистенција.