Драма во Уругвај: Угарте во последен миг донесе триумф против Колумбија (Видео)

Уругвај славеше со 3-2 против Колумбија во еден од најдраматичните натпревари од почетокот на светските квалификации во зоната КОНМЕБОЛ. Мануел Угарте ги доведе во еуфорија навивачите на „Сентенарио“ во 11-тата минута од судиското продолжение, откако малку претходно Колумбијците израмнија.

Со оваа победа Уругвајците дојдоа до 19 бода и се израмнија со Колумбија, но се на второто место на табелата благодарение на подобрата гол – разлика. Лидер е Аргентина со 22 бода, и покрај поразот од Парагвај (1-2).

Гостите поведоа во 31-та минута, кога Хуан Кинтеро го изненади Серхио Рочет со директен слободен удар. Уругвај не успеа да одговори до полувремето, но во 57-та минута го израмни резултатот. По акција по левата страна и остриот центаршут, Давинсон Санчез се снајде лошо и постигна автогол.

Само три минути подоцна, домаќините направија целосен пресврт. Дебитантот Родриго Агире доби додавање од Матијас Оливера, продре во казнениот простор и го совлада Камило Варгас.

Во судиското продолжение се случи вистинска драма. Во 96-тата минута, Карлос Гомес ја смести топката во мрежата за 2-2. Голот беше потврден со ВАР одлука. Веднаш, во следната акција, Уругвај преку Угарте успеа да го постигне третиот гол за Албиселесте.

Уругвај ја прекина серијата од четири натпревари без постигнат гол во светските квалификации, додека Колумбија не победи на третото последовно гостување.

Репрезентациите на Перу и Чиле одиграа натпревар без голови во Лима. Овој резултат не им одговара на ниту еден од противниците, бидејќи двата тима се на последните две места во табелата.

Перуанците беа нешто поактивни, но немаа среќа пред голот, додека гостите од Чиле играа внимателно, со повремени контранапади.

Во првото полувреме, најблиску до гол беше Анди Поло од Перу, но неговиот удар во 41-та минута заврши во стативата. Малку подоцна, ветеранoт Хосе Паоло Гереро ја затресе мрежата, но неговиот гол беше поништен поради офсајд.

Ремито го остави Перу на 9-то место со 7 бода, додека Чиле остана на последното, 10-то место со 6 бода.

Во следното коло, Перу ќе гостува кај Аргентина, додека Чиле ќе ја пречека Венецуела.

- Оглас -

Најнови вести