Натпреварот помеѓу Италија и Франција кој вечерва се игра на „Сан Сиро“ во Милано, решава за првото место во групата од Лига А, но победникот во таа група добива и уште една привилегија, пласман во баражите за СП 2026, доколку не успеат преку квалификациите.
Аѕурите имаат три бода предност и за три гола подобра гол-разлика, па доволно им е и реми или минимален пораз, за да останат први и да се најдат во плејофот за титулата. Во плејофот оди и Франција, но првото место носи и една друга привилегија, втора шанса за пласман на СП, доколку не успеат преку класичните квалификации кои почнуваат во март 2025.
Европа ќе има 16 тима на Мундијалот во САД, Мексико и Канада. Од нив, 12 одат преку квалификациите, а четири преку дополнителните баражи во кои ќе играат 16 тима (12-те второпласирани од квалификациските групи и четирите најдобро рангирани победници на групи од Лигата на нации).
И македонската селекција е во солидна позиција да игра бараж, но ќе треба речиси сите што ќе бидат први во своите групи во Лига А и Лига Б од Лигата на нации, да се најдат на СП преку квалификациите.