Во мај ќе се знае каде ќе се игра Евробаскетот 2021

Одлуката каде ќе се игра Евробаскетот за мажи во 2021 година ќе се донесе во мај, а кандидатури поднеле дури 13 европски земји. Не се објавени имињата на земјите, но најверојатно станува збор за неколку заеднички кандидатури.

Македонската репрезентација во ноември ќе почне со квалификации за место на ЕП 2021. „Црвено-жолтите“ во квалификациската група ќе бидат со уште три противници, со кои ќе играме по еднаш дома и на гости, а од четирите тима во групата на завршницата ќе одат три.

Рокот за поднесување кандидатури беше отворен во јануари и уште трае, а откако ќе се разгледаат сите понуди, одлуката ќе се донесе во мај, од страна на новиот Борд на ФИБА Европа.

Неофицијално, интерес има од Шпанија и Италија кои заеднички би го организирале првенството (финалето би се играло во Торино), иако првичниот план им беше со нив да ги уфрлат и Франција и Грција.

Друга заедничка кандидатура која се спомнува во кулоарите е онаа на Чешка, Полска, Германија и Шведска. И Србите веројатно се на листата од 13 земји кои се кандидирале, што значи дека има уште некоја земја од околината (можеби Словенија) која заедно со Србија би биле кодомаќини на првенството на кое може да се најде и нашата земја.

- Оглас -

Најнови вести