Сабаленка: Ми велеа дека не сум доволно талентирана

Арина Сабаленка, светската тенисерка број 1, во интервју за подкастот на Енди Родик „Served with Andy Roddick“ сподели како го трансформирала својот стил на игра и што ја довело до врвот на женскиот тенис. Таа објасни дека нејзиниот успех е резултат на постојана работа и стремеж да го промени мислењето дека не е доволно талентирана.

„Започнав како тенисерка со силен физички стил на игра, и долго време слушав дека немам талент, дека сум добра само од основната линија и дека треба да работам на конзистентноста. Ме фалеа за мојот силен сервис, но постојано ми укажуваа на моите слабости“, изјави Сабаленка.

Еден од клучните моменти во нејзината кариера беше соработката со тренерот Антон Дубров, кој го препозна нејзиниот потенцијал да биде повеќе од агресивен напаѓач. Заедно работеа на додавање нови елементи во нејзината игра, како подобра одбрана и користење на слајс. Сабаленка истакна дека токму овие подобрувања ја донеле до успехот на најголемите турнири.

„Не би можела да освојам титула на Гренслем доколку не ги подобрев моите удари, одбраната и разновидноста во сервисот. Сега не се ослонувам само на сила, туку и на менување на ритамот за да вршам притисок врз противничките. Разновидноста во мојата игра прави тие да се чувствуваат инфериорно кога ќе излезат на теренот со мене“, изјави таа.

Годината 2024 беше извонредна за Сабаленка, која освои четири големи титули – Австралија Опен, Синсинати, УС Опен и Вухан. Таа играше и во финале на турнирите во Бризбејн, Мадрид и Рим. Со овие достигнувања таа успеа да ја помести Ига Швјонтек од врвот на светската ранг-листа.

- Оглас -

Најнови вести