Левандовски на удар на полските фанови: „Одземете му ја капитенската лента!“

Роберт Левандовски се најде на удар на полските навивачи, а некои дури бараат да му се одземе капитенската лента.

Полската фудбалска федерација пред последниот круг на натпревари во Лигата на нациите објави дека напаѓачот на Барселона и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата нема да биде повикан за дуелите против Португалија и Шкотска. Причината, како што беше наведено, е повреда на грбот, која ја заработил за време на натпревар во Ла Лига против Реал Сосиедад, што го исклучува од игра за околу десетина дена.

По оваа објава, дел од навивачите започнаа со шпекулации и теории на заговор, па дојдоа и коментари: „Симулира, а вака се однесува кон тимот“, „Уште еден Мбапе, само на 10 дена е повреден, но нема среќа“, „Ќе биде подготвен за првиот натпревар на Барселона по паузата“, „Одземете му ја капитенската лента!“


Овие критики дополнително се засилија по тешкиот пораз на Полска од Португалија (1-5). Дополнително масло на огнот долеа Ана Левандовска, сопругата на Роберт, која на социјалните мрежи објави фотографија како заедно уживаат во забавен парк. Ова наиде на нова лавина негативни коментари.

Легендарниот полски фудбалер Збигњев Боњек, исто така, изрази сомнеж.


„Секогаш ми се чинеше дека ваквите повреди по натпревари се малку чудни. Роберт мора да знае како да управува со себе. Тој има 36 години. Веројатно малку го боли грбот бидејќи претходно имаше проблеми со тоа“, истакна Боњек.

- Оглас -

Најнови вести