Бентанкур рече дека сите Корејци му изгледаат исто и доби седум меча суспензија

Англиската фудбалска асоцијација го суспендира играчот на Тотенхем, Родриго Бентанкур, на седум натпревари поради изјава што ја даде во телевизиско интервју за неговиот соиграч, Јужнокореецот Хеунг-мин Сон.

Во разговор за уругвајска телевизија во јуни, водителот на „Канал 10“ го праша Бентанкур за дресот на Сон, на што Уругваецот одговори:

„Дресот на Сони? Можеби е на неговиот братучед, бидејќи сите изгледаат исто.“

Бентанкур подоцна се извини на „Инстаграм“, нарекувајќи ги своите коментари „многу лоша шега“.

ФА на Англија соопшти дека уругвајскиот репрезентативец бил обвинет за „наводно прекршување на правилото Е3 поради недолично однесување во врска со медиумско интервју“.

Според „Скај спортс“, ова се смета за „сериозен прекршок“, поради што независна регулаторна комисија мораше да го потврди обвинението или да го отфрли случајот.

Сон веднаш изјави дека Бентанкур му се извинил за навредата.

„Разговарав со Лоло“, рече Сон во јуни. „Тој направи грешка, знае дека згрешил и се извини. Лоло никогаш не би кажал нешто навредливо со намера. Ние сме браќа и ништо не се промени. Ова го надминавме, обединети сме и ќе се вратиме заедно во претсезоната за да се бориме за нашиот клуб како еден“, изјави Сон.

„Независна регулаторна агенција го казни Родриго Бентанкур со седум натпревари суспензија и парична казна од 100.000 фунти (речиси 120.000 евра) поради прекршување на правилото Е3 во врска со медиумското интервју“, соопштија од ФА на Англија.

Бентанкур ќе пропушти седум натпревари од англиското првенство, но ќе може да настапува во натпреварите од Лигата на Европа против Рома и Глазгов ренџерс.

- Оглас -

Најнови вести