Манчестер сити размислува за сензационен потег за замена на повредениот Родри во јануари. Новиот добитник на Златната топка се соочува со повреда на коленото, која го отстрани од игра до крајот на сезоната. Затоа на „Етихад“ планираат да понудат рекордна трансферна сума за 18-годишниот талент на Пари Сен Жермен, Ворен Заир-Емери, за да го засили средниот ред, пишува „Фичајес“.
Во јавноста досега кружеа различни имиња како опции за засилувања на средниот ред на Граѓаните. Меѓу нив беа споменувани Мартин Зубименди од Реал Сосиедад, Едерсон од Аталанта и Тијани Рејндерс од Милан. Но, сега се појави ново изненадувачко име, Ворен Заир-Емери.
Осумнаесетгодишниот талент дебитираше за првиот тим на ПСЖ во 2022 година, а минатата сезона стана важна фигура во составот на Луис Енрике. Досега има одиграно 88 натпревари, со седум постигнати гола и остварени осум асистенции. Со своите одлични настапи, Заир-Емери стигна и до француската репрезентација, каде што дебитираше во ноември 2023 година и веќе има шест настапи и еден постигнат гол.
Манчестер сити многу ги цени квалитетите на младиот фудбалер и го гледа како играч со огромен потенцијал за иднина. За таа цел, Граѓаните се подготвени да понудат бомбастична сума од 120 милиони евра за неговите права. Со тоа ќе го соборат својот рекорд за најголем трансфер, кој моментално изнесува 117 милиони евра, платени за Џек Грилиш во 2021 година на Астон вила.