Македонија ќе навива за аутсајдерот за да има подобра позиција во трката за бараж за СП 2026

Македонската фудбалска репрезентација успешно ги заврши настапите во Лигата на нациите и на убедлив начин го освои првото место во групата со пет победи, едно реми и без ниту еден пораз. Македонија имаше гранитна одбрана и прими само еден гол од пенал, а постигна 10 погодоци, што значи дека има плус 9 гол-разлика.

Овие факти околу освоените бодови и гол-разликата може да бидат многу важни за следниот период, кога ќе се бараат селекциите кои преку Лигата на нациите ќе обезбедат место во баражот на Светското првенство во 2026 година.

Во Сегментот Ц, лидер во својата група е и Романија, која има 15 бода од пет меча, а Романците чекаат да дознаат каков ќе биде исходот од прекинатиот меч против Косово во Букурешт. Прекинот се случи при резултат 0:0 во 90+3 минута, кога гостинските фудбалери самоиницијативно го напуштија теренот. Затоа многу е веројатно Романија да добие службена победа од 3:0, но дури и ако мечот се регистрира со 0:0, колку што беше во моментот на прекинот, Романија со 16 бода и подобра гол-разлика од Македонија (15:3) ќе биде во пол-позиција за место во евентуалниот бараж за СП.

Македонија е во опасност да биде престигната и од уште една репрезентација која е во Сегментот Ц. Тоа е Шведска, која прва во својата група и има 13 бода, а вечерва на свој терен игра против Азербејџан. Шведска е апсолутен фаворит за победа затоа што Азербејџан освои само еден бод во претходните пет средби и е убедливо најслаба селекција.

Доколку Шведска победи, ќе има 16 бода, колку што има и Македонија, но секако ќе биде со подобра гол-разлика од нашата селекција, што значи дека Црвено-жолтите ќе паднат уште едно скалило во рангирањето за евентуалниот бараж за СП 2026 година. На Македонија ќе ѝ одговара вечерва Азербејџан да направи чудо и да „откине“ барем еден бод од гостувањето во Шведска.

- Оглас -

Најнови вести