Кошаркарската репрезентација на Македонија ги привршува подготовките за двомечот против Литванија во квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра следната година.
Два натпревари ќе дадат можеби и конечен одговор, но ќе стане и (по)јасно кои се вистинските квалитети на нашиот национален тим во овој момент.
Очигледно е дека нашиот стручен штаб не може да „побегне“ од оние, пред сé, персонални проблем/и, односно отсуство/а на најдобрите играчи. Така ќе биде и сега, условени се со неиграњето, односно неможноста да се појават на мини-подготовките и да бидат дел од тимот нашите водечки играчи, како Ненад Димитријевиќ, Т-Џеј Шортс, кои се со евролигашки обрски или пак здравствените проблеми со кои се соочи, односно сè уште се соочува во измнатите денови Етан Хап…
Меѓу оние коишто ги одработуваат подготовките е Кристијан Николов, кој не беше дел до февруарскиот циклус, но сега му е на располагање на стручниот штаб.
„Тешко е сега да се прогнозира дали ќе се пласираме на Европското првенство бидејќи секој натпревар е посебна приказна и не знаеме кој ќе игра, а кој не. Ги имаме Нено и Шортс коишто играат во Евролигата и кога би биле тие тука, тоа ќе биде друга приказна. Допрва ќе ги анализираме и Литванците, знам дека и тие нема да бидат комплетни, што ќе биде многу тешко за скаутинг, имаат и нов селектор, па ќе видиме што ќе се случи“, вели „повратникот“ во нашиот национален тим.
По првите две кола, Македонија има една победа еден пораз, а со ист биланс е и Литванија, која неочекувано загуби од Естонија.
„Нам ни останува да дадеме сè од себе и да изгинеме за секоја топка, да покажеме карактер, а останатото веројатно ќе дојде. Знам дека секој од моите соиграчи ќе извади максимум од своите сили и се надевам на позитивен резултат“, вели Николов, кој е дел од турскиот „Пицабулс Џеди Осман“.
Македонија игра против Литванија во четврток навечер, од 18 часот, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.