Кливленд кавалирс го претрпе првиот пораз сезонава во НБА-лигата, и тоа на теренот на актуелниот првак Бостон селтикс. Неверојатен старт имаше Кливленд со 15 триумфи по ред, но рекордната низа заврши на гостувањето кај шампионот. На крајот Бостон се радуваше на триумф од 120:117.
Бостон водеше во голем дел од мечот, а во еден момент од третата четвртина предноста изнесуваше и 21 разлика (71:50). Кливленд не се предаде и со одлична игра стигна само до два поена заостанување (86:84), но толку беше силата на гостите, кои на овој меч водеа само со почетокот со 2:0 и 4:3, а потоа постојано беа во негатива.
Џејсон Тејтум со 33 поени, 12 скокови и седум асистенции и Ал Хорфорд со 20 поени и седум скокови беа предводници во победничкиот тим, додека кај Кливленд најпрецизен беше Донован Мичел со 35 поени и осум скокови.
Низ историјата на НБА-лигата, екипите кои започнале со 15 победи по ред, на крајот секогаш играле финале во плејофот. Тоа се Голден стејт во 2016, Хјустон рокетс во 1994 и Вашингтон капиталс во далечната 1949 година, а само Хјустон го освоил трофејот на крајот.
Далас немаше милост против Њу Орлеанс и на крајот победи со 41 поен разлика, 132:91. Лука Дончиќ беше најефикасен на теренот со 25 поени, а имаше и по пет скока и исто толку асистенции.
Денвер покажа дека може да победува и без Никола Јокиќ, и тоа на гости кај Мемфис, со 122:110.
Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Бруклин – Шарлот 116:115, Сан Антонио – Оклахома 110:104 и Лос Анџелес лејкерс – Јута 124:118.