Селекциите на Мексико и на Канада се пласираа во полуфиналето на Лигата на нациите во Конкакаф зоната и за место во финалето ќе играат меѓу себе. Мексико беше под голем притисок и на свој терен мораше да брка негатива од 0:2 по првиот меч со Хондурас.
Дури во 42-рата минута беше скршен отпорот на гостите кога Мексико поведе со 1:0, што беше и резултат по првиот дел. Во 72-рата минута Мартин со голот за 2:0 донесе голема радост за домашните фанови затоа што на тој начин Мексико израмни во вкупниот резултат, бидејќи Хондурас на првата средба славеше со 2:0.
Да нема дополнителна неизвесност и драма во продолжение и пенали, Мексиканците се погрижија со два погодоци во финишот на дуелот. Санчес погоди за 3:0 во 85-тата минута, а во последните моменти од средбата, Мартин со погодок од пенал ги постави конечните 4:0.
Многу помалку драма имаше на вториот меч меѓу Канада и Суринам. Канада имаше предност од 1:0 стекната со триумфот на гостински терен, па пред своите навивачи со нова, рутинска победа од 3:0 го трасираше патот во полуфиналето.
Во полуфиналето, покрај дуелот Канада – Мексико, ќе играат и САД – Панама.