Литванија сепак пресилна, Евробаскетот 2025 далеку за македонските кошаркари

Македонија е поразена на домашен терен од Литванија со 67-82 во натпреварот кој многу ја оддалечи нашата репрезентација од пласман на Евробаскетот кој ќе се игра следната година.

Литванците беа големи фаворити против македонскиот состав и пред мечот, а улогата ја оправдаа веднаш, тргнаа силно и направија голема предност уште во првата четвртина.

Кристијан Николов, кој беше најефикасен македонски поединец со 18 поени, врза 10 поени по ред во вториот квартал и колку-толку спречи поубедлив дебакл на паузата.

Македонија заигра поагресивно во третата четвртина, дојде и на 13 поени негатива, но победата на гостите не беше загрозена во ниту еден момент, разликата во квалитетот и физичката сила беше видлива, борбата беше само за што почесен пораз.

Во финишот, судиите го навлекоа гневот на публиката по една сомнителна одлука во претпоследната минута, при резултатот 67-78, кога згасна и последната шанса за некакво чудо.

За три дена следува гостување кај Литванија, а ако Естонија ја победи Полска двапати, Македонија ќе ги загуби и теоретските шанси за пласман на ЕП. Доколку Полјаците ја совладаат Естонија, тогаш веројатно гостувањето на Македонија кај Естонија во февруари ќе решава кој да биде патник на ЕП.

- Оглас -

Најнови вести