Серија А одобри дополнителен трансфер-период за италијанските клубови

Италијанската Серија А стана првата од Tоп 5 европските лиги што официјално ќе воведе посебен трансфер-период поради новото издание на Светското клупско првенство следната година, пренесуваат медиумите од Апенините.

Италијанската фудбалска федерација одобри во периодот од 1 до 10 јуни 2025 година клубовите во оваа земја да можат да прават трансфери за подобро да се подготват за сезоната 2025/2026.

Дополнителниот преоден рок ќе важи за сите италијански тимови, а не само за учесниците во клупскиот Мундијал, Интер и Јувентус. Така клубовите од италијанската елита ќе можат да склучуваат договори во овој период, како и да имаат повеќе време за продолжување на договорите на своите играчи, кои вообичаено истекуваат на 30 јуни.

Веста не е изненадувачка, бидејќи пред еден месец беше објавено дека ФИФА ќе воведе токму ваков нов преоден рок за сите федерации.

Светското клупско првенство започнува следната година на 15 јуни во САД и ќе трае до 13 јули. Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 5 декември во Мајами.

- Оглас -

Најнови вести