Гвардиола: Ако Ливерпул продолжи да победува, титулата ни е загубена

Пеп Гвардиола, кој неодамна го продолжи договорот со Манчестер сити за уште две години, се соочува со најтешкиот период во својата тренерска кариера по поразот од Тотенхем со 0-4. Сити стана првиот бранител на титулата во англиското првенство од 1956 година кој загубил пет последовни натпревари во сите натпреварувања. Овој рекорд досега го држеше Челзи пред 68 години.

Ова е првпат Гвардиола да доживее пет врзани порази како тренер, а резултатот 0-4 е израмнување на највисокиот пораз во неговата кариера, кој претходно го доживеал против Евертон во 2017 година, Барселона во 2016 во Лигата на шампионите и Реал Мадрид во 2014 година на чело на Баерн Минхен.

Манчестер сити сега е пет бодови зад лидерот Ливерпул, кој има натпревар повеќе, а Гвардиола признава дека одбраната на титулата ќе биде исклучително тешка.

„Ако Ливерпул продолжи вака, титулата е загубена“, изјави Гвардиола.

Шпанецот, по продолжувањето на договорот, истакна дека во тимот има 12 играчи повозрасни од 30 години. Сепак, тој верува во важноста на искуството и потенцијалот на ветераните.

„Искусните играчи се потребни за да ги водат младите. Не може само младите да играат. Потребен е баланс, а ние го имаме“, истакна менаџерот на Сити.

Тој ја спомена и успешната формула на Реал Мадрид, кој со искусни играчи како Лука Модриќ, Тони Крос и Касемиро освои титули, играјќи на секои три дена.

„Играчите на 33, 34 или 35 години можат да одиграат цела сезона на високо ниво. Сè зависи од нивната форма“, дополни Гвардиола.

И покрај проблемите со повредите и лошата форма, Гвардиола ја нагласи важноста на тимскиот микс од млади и искусни играчи. Тој верува дека Манчестер сити има капацитет да се врати на победнички пат, особено ако тимот се стабилизира во следните натпревари.

- Оглас -

Најнови вести