Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес и понатаму ја води кампањата за формирање на фудбалска Суперлига во Европа. Првиот човек на Кралскиот клуб вели дека не е задоволен од преголемиот број на натпревари кои се играат и за тоа зборуваше на генералното собрание на Реал Мадрид.
Перес не е воодушевен од од проширувањето на Лигата на шампиони и новиот формат на елитното натпреварување. Тој верува дека овие промени не донеле ништо позитивно и ново.
„Новиот формат во Лигата на шампиони не е фер. Никој не може да го разбере. Има повеќе мечеви, а вредноста на сите е падната за 30 отсто. Има повеќе натпревари, но тие се безвредни. Ова е натпреварување во кое возбудувањата започнуваат дури на крајот, но не и на почетокот“, вели Перес, кој додава дека е голем оптимист околу формирањето на Суперлигата.
„Многу голем оптимист сум. Европскиот суд донесе историска одлука. Заврши монополот на УЕФА. Ова е нешто огромно и покрај сите притисоци и закани кои се присутни. Горди сме што се бориме за формирање на Суперлигата. Сакаме да ја вратиме големината на фудбалот. Овој сегашен формат не функционира. Ова е критичен момент. А22 фирмата која го води проектот за Суперлигата, уште е во контакт со клубовите. Идејата уште е жива“, додава Перес.