Во италијанската Серија А се одигра една третина од првенството, односно 13 кола, кои најавуваат дека ова може да биде историска сезона. Според досегашните резултати, неверојатно е каква мешаница има на врвот на табелата.
Наполи е лидер со 29 бода од 13 кола, но Наполитанците се под голем притисок дури од четири екипи кои се веднаш зад нив. Од второто до петтото место се четири екипи коишто имаат по 28 бодови.
Аталанта има 28 бодови и е на второто место благодарение на најдобрата гол-разлика од плус 18 голови. Потоа следуваат Интер и Фиорентина, кои исто така имаат по 28 бодови, но гол-разликата им е со плус 17 погодоци. Петтото место е за Лацио, кој е со 28 бода, но има најслаба гол-разлика (плус 14 погодоци).
Интересно е дека Јувентус, кој е единствен без пораз сезонава (шест победи и седум нерешени), е на шестото место со 25 бода, што значи дека и Старата дама има свои калкулации и шанси да се истакне во оваа мешаница на табелата. Милан, кој е седмопласиран, веќе има двоцифрено заостанување зад Наполи, но и еден меч помалку одиграно.