Хрватска ваков дебакл нема доживеано од финалето на ЛОИ во Барселона во 1992 година

Босна и Херцеговина стигна до голема победа над соседот Хрватска, и тоа со 110:90 во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство  кое ќе се игра следната година. Само пред неколку дена Хрватска дома победи со 89:76 над БиХ, па во реваншот во Сараево, на домаќините им беше потребна победа со повеќе од 13 разлика.

На полувреме беше 50:50, а во третата четвртина БиХ започна фуриозно и со серија од 16:0 за четири минути стигна до 66:50, а на крајот од овој период резултатот беше 83:63. Кошаркарите на БиХ во нападот беа речиси безгрешни, па на крајот постигнаа неверојатни 110 поени и победија со 20 разлика.

Овој пораз на Хрватска ќе се памети затоа што само вторпат во нивната историја примаат 110 или повеќе поени на еден меч.

Хрватска претходно повеќе поени примила само во финалето на Летните олимписки игри во Барселона во 1992 година. Тогаш Хрватска играше против Дрим тимот на САД во чии редови беа Мајкл Џордан, Скоти Пипен, Меџик Џонсон, Џон Стоктон, Карл Мелоун, Дејвид Робинсон и останати ѕвезди од НБА-лигата. На крајот Американците во тоа финале победија со 117:85. Овојпат Босна и Херцеговина без такви ѕвезди со голем мотив, желба и поддршка од трибините успеаја да ја срушат одбраната на Коцкестите и да постигнат 110 поени.

- Оглас -

Најнови вести