Нејмар повеќе од една година е надвор од теренот, но Бразилецот секогаш е во фокусот на вниманието. Тој има уште неколку месеци од договорот со Ал-Хилал, тимот во којшто одигра само шест меча, и тоа не целосно. За двете години поминати во тимот од Саудиска Арабија, Нејмар има договор вреден 300 милиони евра, што е втор најбогат во историјата, зад тој на Кристијано Роналдо.
Кога се зборува за Нејмар, секако дека парите се во прв план. Кога во 2017 година направи трансфер од Барселона во Пари Сен Жермен, францускиот тим плати откупна клаузула вредна 222 милиони евра, што уште претставува светски рекорд.
Во првите три сезони во дресот на ПСЖ, Нејмар заработуваше плата по 70 милиони евра, а во останатите три сезони, платата му се зголеми на 90 милиони евра по сезона. Во ПСЖ одигра 173 меча, во кои постигна 118 гола, а имаше и 77 асистенции.
Во договорот на Нејмар имаше многу клаузули, а Луис Брион, фудбалерот на Кристал палас, тврди дека во тренерската школа се дружел со луѓе од ПСЖ кои му откриле една неверојатна клаузула што ја имал Нејмар со ПСЖ.
„Најлудата клаузула за која сум слушнал е таа на Нејмар во ПСЖ. Член од клубот на ПСЖ, кој тогаш во составот ги имаше Меси, Нејмар, Мбапе, а не би сакал да го откријам неговото име, ми откри дека Нејмар имал клаузула во договорот според која ако по мечот отиде до навивачите и ги поздрави со аплауз, му следуваат 200.000 евра бонус“, вели Брион во едно гостување на поткаст.