Салах: Поголеми се шансите да си одам отколку да останам во Ливерпул

Мохамед Салах постигна два гола на гостувањето кај Саутхемптон и благодарение на тие погодоци, Ливерпул победи со 3:2 и се зацврсти на врвот на табелата во Премиер лигата. Гигантот од „Енфилд роуд“ сезонава игра одлично и има 16 победи во 18 меча во домашното првенство и во Лигата на шампионите, а, секако, Салах е еден од клучните играчи.

Салах, кој во Ливерпул дојде во 2017 година од тимот на Рома, има одиграно 367 натпревари, во кои постигнал 223 погодоци. Актуелниот договор на Салах со Ливерпул му истекува во јуни 2025 година, а засега нема најава за продолжување на соработката.

„Речиси дојде декември, а јас уште немам добиено никаква понуда за останување во клубот. Според тоа, веројатно поголеми се шансите да си заминам отколку да останам. Знаете дека многу години сум во клубот. Нема ваков клуб на светот. Но, на крајот не зависи од мене. Ги сакам навивачите, тие исто така ме сакаат мене, но и тие не се прашуваат околу одлуката. Ќе почекаме да видиме“, рече Салах, кој потенцираше дека е разочаран зошто не добил досега никаква понуда за продолжување на договорот.

„Не планирам во брзо време да се пензионирам, па да не добивам понуди. Сега сум фокусиран на тековната сезона. Сакам да ги освојам Премиер лигата и Лигата на шампионите. Разочаран сум бидејќи немам никаква понуда, но ќе видиме што ќе биде“, додаде египетскиот голгетер.

Во 2023 година Ал-Итихад му понуди 150 милиони евра на Ливерпул да го откупи договорот, но таа понуда беше одбиена. Ако не го продолжи договорот до крајот на годината, Салах ќе може да преговара со други клубови, а потоа без пари да си замине на крајот од сезоната.

- Оглас -

Најнови вести