Синоќешната победа на Реал Мадрид над Фенербахче од 101-86 може да се нарече историска бидејќи за првпат во кариерата на славниот тренер Жељко Обрадовиќ негов тим прими 100 поени на евролигашки меч на којшто не се играло продолжение.
Обрадовиќ, кој има 415 меча во Евролигата како тренер и дури девет европски титули, до синоќа не знаеше како е негов тим (Партизан, Хувентуд, Реал Мадрид, Бенетон, Панатинаикос, Фенербахче) да прими троцифрен број поени на меч од Евролигата на којшто не се играле продолженија.
Обрадовиќ имаше замерки за играта на неговиот тим во 40-те минути во Мадрид, но извлече и позитивни нешта.
„Му честитам на Реал Мадрид кој одигра одлично, со многу интензитет и правеше сè што ќе посака. Ние им ја олеснивме работата, им дозволувавме лесно да поентираат. Правевме грешки и во нападот. Реал секогаш многу трча и бара поени од контри, но овојпат многу поени ни додадоа и во игра пет на пет. Се надевам дека ќе извлечеме поуки од овој пораз и ќе ни користи за во иднина да не ги повториме грешките“, изјави Обрадовиќ.
Фенер остана лидер на табелата, Реал се бори со ЦСКА за второто место.