Динамо Загреб со победа утре против Борусија Дортмунд на „Максимир“ и теоретски ќе ја мине групната фаза од Лигата на шампионите и ќе обезбеди пласман во нокаут-фазата. Сепак, тоа ќе биде многу тешко со оглед на проблемите кои ги имаат загрепчани со составот.
На долгата листа со повредени фудбалери се најде и нашиот интернационалец Аријан Адеми, кој нема да биде во комбинација за настап против Борусија Дортмунд, па единствен македонски претставник на мечот во Загреб ќе биде Стефан Ристовски.
Адеми е само еден од тројцата повредени фудбалери од средниот ред, а останатите двајца се Сучиќ и Мишиќ. Медицинскиот тим на Динамо Загреб прави напори да ги оспособи за игра Адеми и Мишиќ за неделното дерби против Хајдук на „Пољуд“.