Реал Мадрид на вечерашното гостување кај Ливерпул во дербито на Лигата на шампионите ќе биде ослабен со неиграњето на неколку важни фудбалери, меѓу кои и Винисиус.
Отсуството на Винисиус може да биде големо олеснување за Црвените ако се знае каков е билансот на Бразилецот кога игра со Ливерпул. Вини има дадено пет гола против Ливерпул.
Серијата почна во април 2021 година, кога Винисиус со два гола му донесе победа на Реал од 3-1 во четвртфиналето. Реваншот на „Енфилд“ заврши 0-0 и тоа е еден од двата меча на Винисиус на кои не дал гол против Ливерпул.
Потоа на 28 мај 2022 година, со голот на Винисиус, Реал минимално го победи Ливерпул со 1-0 во финалето на ЛШ во Париз.
Во февруари 2023, во осминафинале од ЛШ, Реал на „Енфилд“ победи со 5-2, а Винисиус погоди двапати во првото полувреме, со што донесе изедначување по раното водство на домашните од 2-0. Потоа Вини на реваншот во Мадрид имаше асистенција до Карим Бензема за победа од 1-0.
Неиграњето на повредениот Винисиус ќе значи дека Килијан Мбапе ќе игра на својата омилена позиција лево крило, но шпицот на нападот ќе биде отапен бидејќи ќе го нема ни Родриго, Ендрик се очекува да биде резерва, а партнери во офанзивата на Мбапе треба да му бидат Брахим Дијас, Арда Ѓулер и Џуд Белингам, кои не се класични напаѓачи.