Фудбалската асоцијација на Англија почна истрага против суспендираниот судија Дејвид Кут под сомнение дека во 2019 година намерно му покажал жолт картон на македонскиот репрезентатвец Езџан Алиоски со цел да добие финансиска корист од тоа.
Судијата стана познат по тоа што се појавија видеа од него како зборува лошо за Ливерпул, како наводно шмрка кокаин за време на ЕП 2024, а сега се товари и за наводно намерно покажан жолт картон, и тоа на нашиот лев бек кој пред пет години играше за Лидс.
Обвинувањата се дека Кут пред да суди натпревар на Лидс, му кажал на пријател дека ќе му покаже жолт картон на Езџан Алиоски, а пријателот кој наводно „на шега“ го побарал тоа од него, требало да се обложи на тоа. Џани доби жолт картон во 18-тата минута на тој меч на Лидс против ВБА од англискиот Чемпионшип во октомври 2019 година. Лидс победи со 1-0, а стрелец на голот беше Алиоски, кој го доби и единствениот жолт картон за тимот од Јоркшир.
Утредента Кут му испратил порака на пријателот со содржина: „Каков ден беше вчерашниот. Се надевам дека постапи според дискутираното“, пишуваат британските медиуми.
Кут ги отфрли обвиненијата.
„Силно ги отфрлам овие лажни и клеветнички обвиненија. Без оглед на проблемите кои ги имав во приватниот живот, никогаш не влијаеле на моите одлуки на теренот. Секогаш сум го ценел интегритетот, ги судев натпреварите непристрасно и најдобро што можев“, изјавил Кут.