Ѓоковиќ и Дел Потро прегрнати заедно плачеа на последниот меч на еден од најмалерозните тенисери на денешницата (Видео)

Официјално дојде крај на една голема тениска приказна со несреќен крај. Хуан Мартин дел Потро реши дека е доста од активно играње тенис, а на неговото простување во Буенос Аирес присуствуваше и Новак Ѓоковиќ.

Фановите во главниот град на Аргентина имаа можност да гледаат вистински тениски спектакл меѓу Дел Потро и Ѓоковиќ, кои се и одлични пријатели. Дел Потро важеше за голем талент, но честите и сериозни повреди не дозволија тој да се вивне во тениските височини.

На последниот меч на Аргентинецот имаше повеќе од 15.000 гледачи. Ѓоковиќ покажа почит кон пријателот и дозволи Дел Потро да победи, и тоа со 2:0 во сетови. По завршување на последниот поен, Дел Потро беше посебно емотивен. Двајцата тенисери се прегрнаа и почнаа да плачат.

Дел Потро ќе се памети како тенисерот кој го имаше најсилниот форхенд во модерниот тенис, а последниот официјален меч во кариерата го имаше на почетокот од 2022 година. Потоа речиси три години се обидуваше да се поврати од тешките повреди кои ги имаше, па сега, на 35 години, реши и официјално да стави крај.

Најголемиот успех во кариерата на Дел Потро е освоениот гранслем-турнир Отворентото првенство на САД во 2009 година. Има и сребрен медал од Олимписките игри во 2016 година, а со Аргентина го има освоено и Дејвис куп трофејот.

Прославениот тениски џин во пензија замина со 22 АТП-титули, што е повеќе од импресивно ако се знае колку често беше повреден. На светската АТП-листа најдобар  пласман му беше третото место во 2018 година.

 

- Оглас -

Најнови вести