Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, тврди дека неговиот тим во моментов не е во трката за титулата во Премиер лигата иако има еднаков број бодови како второпласираниот Арсенал. Утре Сините од Лондон гостуваат кај Саутхемптон, кој е на последното место на табелата, а Италијанецот овој натпревар го опиша како најтежок за тимот од почетокот на сезоната.
„Иако имаме еднаков број бодови како Арсенал, јас и понатаму тврдам дека не сме во трката за титулата. Арсенал во последните две години беше многу блиску до Манчестер сити, а ние бевме многу далеку од нив. Да бидеш во трка за титулата е убав притисок за мене и за играчите, но тоа не е случај сега бидејќи Арсенал беа блиску до Ливерпул и Сити во последните две години, а ние – не. Се надевам дека наскоро ќе бидеме таму. Добро е што сè уште го мислам тоа што им го кажав на сопствениците и на спортскиот директор првиот пат кога се сретнавме. Поради возраста и квалитетот на тимот, за мене Челзи во следните 5 до 10 години ќе биде еден од тимовите или тимот што ќе доминира во англискиот фудбал“, изјави Енцо Мареска.
Менаџерот на Челзи повикува на внимателност пред гостувањето кај Саутхемптон.
„Натпреварот против Саутхемптон ќе биде најтежок за нас од почетокот на сезоната. Треба да бидеме подготвени бидејќи во спротивно ќе имаме лош ден. Ако ги погледнете резултатите, тие се на последното место, но од аспект на играта, водеа против Ливерпул, загубија со 1-0 од Сити и минатиот пат израмнија против Брајтон. Ги познавам многу добро од минатата година во Чемпионшип. Тие се многу храбри и јасно знаат што сакаат“, истакна менаџерот на Челзи.