По пауза од точно еден месец, Барселона повторно победи во шпанското првенство. Каталонскиот гигант убедливо со 5:1 победи на гости кај Мајорка во меч од 19-тото коло на Примера дивисион.
Барселона немаше победа во првенството од 3 ноември, кога славеше над Еспањол. потоа следуваа лоши резултати и пораз од Сосиедад (1:0), реми со Селта Виго (2:2) и пораз од Лас Палмас (1:2). На овие три меча во стартниот тим го немаше Ламин Јамал. Тинејџерот беше повреден и воопшто не играше против Сосиедад и Селта Виго, а против Лас Палмас во игра влезе во вториот дел.
Сега Јамал беше стартер, а кога тој е стартер, сезонава Барселона секогаш победува, па така беше и сега. Гостите поведоа со голот на Торес по една голема грешка во одбраната на Мајорка.
Мајорка израмни со голот на Муриќи за 1:1 на полувреме, но тоа беше сè што можеа да направат домаќините.
Во второто полувреме како да имаше само еден тим на теренот. По еден продор на Јамал, беше направен пенал, а Рафиња од пенал погоди за 2:1.
Потоа следуваше уште еден гол на Рафиња по перфектна асистенција на Јамал, а до крајот на мечот погодуваа и Де Јонг во 79-тата минута и Виктор во 84-тата минута.