Баер Леверкузен се пласира во четвртфиналето на германскиот фудбалски куп откако во дербито против Баерн Минхен победи минимално со 1:0 на „Алијанц арената“. Со оваа победа Баер покажа зошто е актуелен освојувач на двојната круна во германскиот фудбал и останува да го брани тронот во Купот од минатата сезона.
Баерн Минхен беше хендикепиран затоа што речиси цел меч, односно од 16-тата минута играше со фудбалер помалку, и тоа поради црвениот картон на голманот Мануел Нојер. Искусниот голман на Баерн направи непромислен потег кога истрча надвор од шеснаесетникот и фаулираше еден гостински играч, па судијата му покажа директен црвен картон.
И со играч помалку Баерн Минхен ја имаше иницијативата на теренот, но сепак, на крајот Баер Леверкузен даде гол за радост и пласман во следната фаза.
Се играше 69-тата минута кога по еден центаршут на Грималдо, Тела, кој во игра влезе само неколку минути претходно, со глава погоди за радост на Баер Леверкузен. Овој погодок може да го видите ТУКА.