Баерн Минхен и оваа сезона ќе остане без трофејот во Купот на Германија откако на својата „Алијанц арена“ загуби со 0:1 и е елиминиран во осминафиналето. Актуелниот бранител на трофејот во Купот, Баер Леверкузен, се радуваше на триумф во Минхен и останува во трката да го одбрани тронот.
Трагичар на Баерн Минхен е голманот Мануел Нојер. Искусниот 38-годишен голман направи голема грешка кога непотребно излезе надвор од шеснаесетникот и направи фаул, а судијата без многу размислување му даде црвен картон.
Нојер, кој повеќе од 20 години има профи кариера и одиграно 866 натпревари, за првпат е исклучен и тоа на еден ваков важен меч.
Капитенот на Баерн Минхен претходно во кариерата имал само 23 жолти картони и сите биле на клупско ниво. За репрезентацијата на Германија во 124 меча никогаш немал ни жолт картон.
По завршување на мечот, Нојер се извини за својот непромислен потег поради кој неговиот тим загуби.
„Тоа беше клучен момент на мечот. Нѐ боли и жал ми е. Му се извинив на тимот. Не можам сега да го сменам тоа. Беше грешка и морам да ја прифатам. За жал, ништо не можам да направам сега за да променам“, изјави Нојер, цитиран од „Скај Германија“.