Панчев: Би било добро Пеѓа Мијатовиќ да направи силен Партизан

Во интервју за „Спортски журнал“, легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев рече дека за Црвена ѕвезда би било добро ако и Партизан биде силен, а не заборави да каже и пофалби за работата на македонскиот селектор Благоја Милевски.

За доаѓањето на Предраг Мијатовиќ во управата на Партизан, скопската Кобра има позитивен став.

„Неговото доаѓање е добар знак за клубот, тој е еден од најдобрите играчи во историјата на Партизан. Материјално е обезбеден, паметен, не му фалат знаење и фудбалско искуство, сето тоа треба да го пренесе на клубот. Би било добро за српскиот фудбал и за Ѕвезда, Партизан да направи јак тим и конкуренцијата меѓу двата клуба да биде поголема. Силни ривали може само да донесат квалитет, ништо помалку. На Мијатовиќ му посакувам се најдобро во работата“, вели Панчев.

За настапите на Македонија во Лигата на нации, Панчев вели дека сега во посилната Лига Б ќе имаме прилика да се покажеме со каков квалитет располагаме.

„Доминиравме во групата, заслужено е освоено првото место. Сега ни се укажа шанса во многу појаката Б дивизија и таму ќе треба да покажеме каков квалитет имаме. Селектор Благоја Милевски добро работи, има континуитет и остварува одлични резултати“, изјави Панчев кој се осврна и на неговите екс соиграчи Драган Стојковиќ и Роберт Просинечки кои се селектори на Србија односно Црна Гора.

„Просинечки зошто да не остане селектор? Селектори не треба да се менуваат преку ноќ после само неколку мечеви. Јас сум за тоа тренерите да останат подолго на клупа, бидејќи во некој даден момент, можеби не ни можело да се направи ништо повеќе“, рече најдобриот македонски фудбалер за 20-ти век.

- Оглас -

Најнови вести