Пеп Гвардиола, еден од најдобрите фудбалски тренери во историјата, досега освоил 39 трофеи со Барселона, Баерн и Манчестер сити, а трипати бил прогласен за најдобар тренер во светот. Тој е дел од Манчестер сити од 2016 година, но моментно минува низ еден од најтешките периоди во својата кариера.
Во Премиер лигата, Манчестер сити е на четвртото место со осум бода заостанување зад лидерот Ливерпул, кој има и натпревар помалку, додека во Лигата на шампионите е на 17-тото место со осум бода.
Тимот од Манчестер беше во серија од седум последовни натпревари без победа, што отвори прашања дали е време за заминување на Гвардиола. Сепак, тој го продолжи договорот до 2027 година.
Гвардиола во емисијата „Десмонтадито“ на готвачот и водител Дани Гарсија призна дека му е потребен одмор од фудбалот.
„Сакам да се повлечам од фудбалот и да играм голф, но не можам. Ќе дојде време кога ќе почувствувам дека е доста и тогаш дефинитивно ќе престанам. Нема да водам друг клуб. Не зборувам за долгорочната иднина, но нема да го напуштам Манчестер сити за да заминам во друга земја и да правам исто што и сега. Немам енергија за тоа. Сè уште сум тука. Помислата да почнам на друго место, со нов процес на тренинг и сè останато… Не, не, не. Можеби би водел репрезентација, но тоа е поинаков пристап. Треба да застанам, како оние готвачи кои одат во други земји, да застанам и да видам што сум направил добро, а што можам подобро. Кога сте зафатени цел ден, немате време за тоа. Прекинот би ми годел многу“, изјави Гвардиола, истакнувајќи дека голфот е „една од најдобрите терапии“ за него.