Анчелоти: Мбапе не е посериозно повреден

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, зборуваше по тешката победа од 2-3 против Аталанта на гостински терен. Кралевите со оваа победа собраа девет бода и малку помирно можат да ја продолжат основната фаза во Лигата на шампионите.

„Ова беше многу важна победа. Не може секој тим да победи на овој стадион. Бевме трпеливи и се боревме за трите поени. Во Лигата на шампионите трпението е од клучно значење“, изјави Анчелоти.

„Аталанта изврши силен притисок, но ние го започнавме второто полувреме на најдобар можен начин. Задоволни сме бидејќи ни требаше оваа победа, и тоа не само за бодовите. Завршувањето во првите осум останува сложена задача, но ни остануваат уште два натпревари и мора да го извлечеме максимумот од нив“, додаде италијанскиот стручњак.

Тренерот на Реал Мадрид ги израдува фановите и со информацијата дека Килијан Мбапе не е посериозно повреден.

„Кај Мбапе станува збор за преоптоварување. Килијан почувствува непријатност во бутниот мускул. Не мислам дека е нешто сериозно, но со сигурност ќе дознаеме по медицинските тестови. Не можеше слободно да трча, што го загрижи, па затоа одлучивме да го замениме“, објасни Анчелоти за принудната замена на францускиот напаѓач.

На негово место на теренот влезе Родриго уште во првото полувреме.

- Оглас -

Најнови вести