Баварскиот гигант Баерн Минхен планира да ангажира нов напаѓач кој би служел како алтернатива на Хари Кејн, а според германскиот „Билд“, клубот го насочил вниманието кон канадскиот репрезентативец Џонатан Дејвид.
Хари Кејн моментно е повреден, а Баерн се соочува со проблеми во нападот поради недостигот на квалитетни опции за замена. Новиот напаѓач треба да биде подготвен да ја преземе улогата на втор избор зад англиската ѕвезда, а истовремено да донесе дополнителна сигурност во тимот.
Договорот на Џонатан Дејвид со Лил истекува во јуни, што значи дека Баерн може да го ангажира без да плати отштета. Сепак, интересот од Барселона би можело да ја комплицира ситуацијата бидејќи каталонскиот клуб исто така бара засилувања во нападот.
Баерн исто така ги разгледува Виктор Ѓокереш од Спортинг, Омар Мармуш од Ајнтрахт Франкфурт и Бењамин Шешко од Лајпциг. Меѓутоа, за овие играчи би било потребно да се плати значителна трансферна сума, што ги прави помалку атрактивни при изборот.
Ангажирањето на Џонатан Дејвид се чини како најреална опција, особено поради финансиската исплатливост и фактот дека Баерн не би имал потреба да се натпреварува на трансфер-пазарот со големи понуди.